Местоположба

Општина Росоман е релативно млада општина која постои како одделна општина од 1996 година. Претходно, територијата на Општина Росоман се наоѓаше во рамките на Општина Кавадарци. Во краткиот период на своето постоење, Општина Росоман релативно успешно се позиционира меѓу уредените и динамички општини во Република Северна Македонија.

Општина Росоман е една од помалите рурални општини која се наоѓа во централниот дел на Повардарието, а исто така и во централниот дел на Тиквешката Котлина. Општината има правец на протегање североисток-југозапад во долниот тек на Црна Река и се граничи со општините Кавадарци на југ и на запад, Неготино на југ, Градско на исток и Чашка на север. Територијата на Општина Росоман претежно се наоѓа во рамничарски дел, освен мали делови од неа кои се ридско-планински. Според просечната надморска височина од околу 140 m, се вбројува во една од најниските во државата.

Општина Росоман се наоѓа во централниот дел. Во релјефен поглед, ја зафаќа долината на Црна Река, поточно нејзиниот низводен дел пред вливот во Вардар. Самата долина, тука е широка, со рамно долинско дно и алувијален нанос на него, а на долинските страни има ридести возвишенија, високи помеѓу 200 и 500 m. Единствено во југозападниот дел на општината, кон ограноците на планината Клепа, теренот е нешто повисок, односно се издига до 1005 m (врв Руен). Овој врв е и највисока точка во општината Росоман, додека најниската е во долината на Вардар кај Стоби (126 m), што значи дека висинската разлика изнесува 889 m. Генерално релјефот во општината е релативно низок, за што зборува и малата просечна височина од само 315 m. Релјефот е брановиден, со ниски ридови и зарамнини, а просечниот наклон е само 8,5°. Бидејќи повисокиот терен е на западната страна, генерално релјефот има источна експонираност.

Во поглед на геолошкиот состав, понискиот дел од општината е изграден од класични седиментни карпи. Така, покрај долинското дно на Црна се пространи наслаги на алувијален нанос, а долинските страни се изградени од езерски плиоцени седименти и малку постари еоценски слоеви (песочници). Западниот дел е поразновиден, претставен со метаморфни карпи од палеозојска до мезозојска старост. Така, помеѓу селата Камен Дол и Мрзен се јавуваат палеозојски серпентини и кварцно-графитични шкрилци, а кон запад кон нив лежат седименти од кредната серија. На ридот Руен, теренот е изграден од јурски флиш и јурски варовници. На помали подрачја се јавуваат еруптивни карпи, амфиболити и дијабази. Ваквиот геолошки состав имал влијание и врз почвите кои се застапени на овој простор, а преку тоа и врз лозовите насади и квалитетот на грозјето.