Карактеристично за сите селски населби во Општина Росоман е земјоделско-сточарската функција која ја задржале од минатото до денес. Поради миграцијата од селата кон градовите, дел од населбите забележале намалување на бројот на населението, само две се пред целосно раселување, додека неколку од нив го задржале и зголемиле бројот на населението, како што се селата Манастирец и Росоман. Главен индикатор за ваквите позитивни трендови се промените кои се јавуваат во процесот на аграрно стопанисување, релативно поволната местоположба и плодната почва на земјиштето.
Од туристички аспект, населбите во Општина Росоман можат да понудат услови за развој на повеќе алтернативни форми, кои се дел од руралниот туризам, во зависност од нивната туристичко-географска положба. Ако се земе во предвид фактот дека во сите селски населби доминира земјоделското производство, неизбежен е потенцијалот за развој на агро туризам, со фокус на винскиот туризам, како водечка туристичка форма во тиквешкиот регион. Транзитната функција на селата Росоман, Манастирец, Паликура и Трстеник, кои се во близина на регионалниот пат Р-106, кој претставува конекција помеѓу автопатот Е-75 со Прилеп, Битола и Охрид е одличен предуслов за развој на винскиот туризам. Излетничко-рекреативната функција на руралниот простор креира потенцијал за развој на излетничко-рекреативниот туризам.
Населени места во општина Росоман:
- Росоман
- Сирково
- Манастирец
- Паликура
- Трстеник
- Камен Дол
- Дебриште
- Рибарци
- Крушевица
- Мрзен Ораовец