Природни богатства

Општина Росоман во поглед на геолошкиот состав, понискиот дел од општината е изграден од класични седиментни карпи. Така, покрај долинското дно на Црна се пространи наслаги на алувијален нанос, а долинските страни се изградени од езерски плиоцени седименти и малку постари еоценски слоеви (песочници). Западниот дел е поразновиден, претставен со метаморфни карпи од палеозојска до мезозојска старост. Така, помеѓу селата Камен Дол и Мрзен се јавуваат палеозојски серпентини и кварцно-графитични шкрилци, а кон запад кон нив лежат седименти од кредната серија. На ридот Руен, теренот е изграден од јурски флиш и јурски варовници. На помали подрачја се јавуваат еруптивни карпи, амфиболити и дијабази. Ваквиот геолошки состав имал влијание и врз почвите кои се застапени на овој простор, а преку тоа и врз лозовите насади и квалитетот на грозјето.

 

Општина Росоман по својата положба во централниот дел на Македонија и со широката отвореност кон долината на Вардар во правец на Егејско Море, се одликува со умерено-континентална клима и значително влијание на Средоземно Море (маритимно влијание). Во тој поглед, овој простор има мошне топли лета со високи температури кои се искачуваат над 40°С, а релативно благи зими. Сепак, во зимскиот период можни се продори на студени воздушни маси од север со пад на температурите и до -20°С. Просечната температура изнесува 13,8°С и е речиси иста како во Кавадарци и Неготино. Со оглед на тоа што се наоѓа во Тиквешката Котлина која поради својата положба е доста сушна, Општина Росоман исто така мала количина на врнежи. Тие просечно годишно изнесуваат 510 mm, иако се можни значителни осцилации од година во година. Врнежите во најголем дел се од дожд и паѓаат главно во месеците мај и ноември. Од друга страна, во летните месеци особено јули и август се јавуваат долготрајни суши, кои може да траат и до 3 месеци (Лазаревски, 1993). Поради слабата количина на врнежи и малата просечна облачност, подрачјето на Општина Росоман се одликува со долго траење на осончување. Просечно годишно осончувањето изнесува околу 2500 часа, што е изразито погодно за одгледување на лозовите насади. Поради конфигурацијата на релјефот, ветровите се со слаб интензитет и од различни правци. Сепак, како подоминантен е Вардарецот, особено во зимскиот дел од годината и локалните ветрови кои дуваат главно по долината на Црна Река.

Во хидрографски поглед, значајно е што низ централниот дел на Општина Росоман поминува Црна Река, една од најголемите притоки на Вардар. Нејзината вкупна должина е 207 km, а низ општината само 16 km. Токму на овој простор Црна Река има голем протек и тоа просечно околу 20-35 m3/s. На подрајчето на општината во неа се влева неколку кратки притоки од повремен карактер кои имаат вода за време на врнежи. Како значаен хидрографски ресурс мора да се спомнат подземните води кои ги има во изобилство, заради плиоцените седименти и алувијалните наноси кои имаат резерварски својства. Особено богато со подземна вода се долинските дна – алувијални рамнини на Вардар и Црна Река

Општина Росоман и пошироката област на Тиквешијата имаат бројни природни атрактивности. Помеѓу нив, особено значајни се планината Кожуф, Тиквешко и Моклишко Езеро, реките Вардар и Црна, висорамнината Витачево, Демиркаписка Клисура, клисурата-кањонот на Блашица, рудникот Алшар, камените столбови кај с.Конопиште, неколку пештери и сл. За жал, најголем дел од споменатите атрактивности се слабо посетени и воопшто или недоволно туристички искористени.