Општина Росоман е релативно млада општина која постои како одделна општина од 1996 година. Претходно, територијата на Општина Росоман се наоѓаше во рамките на Општина Кавадарци. Во краткиот период на своето постоење, Општина Росоман релативно успешно се позиционира меѓу уредените и динамички општини во Република Северна Македонија.
Општина Росоман е една од помалите рурални општини која се наоѓа во централниот дел на Повардарието, а исто така и во централниот дел на Тиквешката Котлина. Општината има правец на протегање североисток-југозапад во долниот тек на Црна Река и се граничи со општините Кавадарци на југ и на запад, Неготино на југ, Градско на исток и Чашка на север.
Територијата на Општина Росоман претежно се наоѓа во рамничарски дел, освен мали делови од неа кои се ридско-планински. Според просечната надморска височина од околу 140 m, се вбројува во една од најниските во државата.
Општина Росоман се наоѓа во централниот дел. Во релјефен поглед, ја зафаќа долината на Црна Река, поточно нејзиниот низводен дел пред вливот во Вардар. Самата долина е широка, со рамно долинско дно и алувијален нанос, додека на долинските страни има ридести возвишенија високи помеѓу 200 и 500 m.
Во југозападниот дел на општината, кон ограноците на планината Клепа, теренот се издига до 1005 m (врв Руен), кој е највисока точка во општината. Најниската точка се наоѓа во долината на Вардар кај Стоби (126 m), со висинска разлика од 889 m.
Релјефот е брановиден, со ниски ридови и зарамнини, а просечниот наклон изнесува 8,5°. Поради тоа што повисокиот терен е на запад, релјефот генерално има источна експонираност.
Во поглед на геолошкиот состав, понискиот дел од општината е изграден од класични седиментни карпи. Така, покрај долинското дно на Црна се пространи наслаги на алувијален нанос, а долинските страни се изградени од езерски плиоцени седименти и малку постари еоценски слоеви (песочници).
Западниот дел е поразновиден, претставен со метаморфни карпи од палеозојска до мезозојска старост. Помеѓу селата Камен Дол и Мрзен се јавуваат палеозојски серпентини и кварцно-графитични шкрилци, а кон запад лежат седименти од кредната серија.
На ридот Руен, теренот е изграден од јурски флиш и јурски варовници, додека на помали подрачја се јавуваат еруптивни карпи, амфиболити и дијабази. Овој геолошки состав влијае врз почвите, лозовите насади и квалитетот на грозјето.